Буџет за 2018 година-ново рекордно трошење на Владата

Деновиве Министерството за финансии ги објави основните пресметки во врска со државните приходи и расходи за наредната 2018 година. Во текот на јавната расправа се обиде да ја објасни основаноста и реалноста на буџетските пресметки за наредната година, при тоа даваше и соодветни образложенија за промените во сферата на приходите, како што е зголемувањето на акцизата за нафтата за 3 денари.

Во основа секој буџет е приказ на политиките што една влада има намера да ги води во државата. Преку структурата на буџетот можат да се утврдат главните правци и приоритети на власта во поглед на економијата, вработувањето, инвестициите и слично. Оттука, од овој предлог буџет може да се извлечат заклучоци за главните политички приоритети на Владата во наредната година.


            Порастот на БДП-основа за проекција на зголемените приходи
Основа за изработка на буџетот за наредната 2018 година на Владата е предвидувањето дека економијата ќе се зголеми за 3,2% (реален пораст на БДП). Ваквиот пораст на економијата треба да е резултат на континуираната солидна лична потрошувачка, забрзувањето на инвестициите како и повисоката извозна активност. Инфлацијата се очекува да биде на ниво од 1,7% и тоа главно предизвикана од порастот на светските цени. Номиналниот раст на БДП за 2018 година треба да изнесува 5,3%.


Колку приходи ќе наплати државата од стопанството?
Ваквиот обем на економија на Република Македонија во наредната 2018 година треба да обезбеди 193,5 милијарди денари буџетски приходи. Секако тука се опфатени и дополнителните приходи кои треба да бидат обезбедени како резултат од зголемувањето на акцизата, а кои се планираат во висина од 1,6 милијарди денари по основ на акциза и дополнителни 350 милиони денари од ДДВ, односно околу 2 милијарди денари. Стопанството треба да ги обезбеди буџетските приходи затоа што преку даноците, придонесите, царините и другите давачки, државата зафаќа дел од новосоздадената вредност, а потоа преку расходите се пренасочува повторно во економијата, но согласно со политичките приоритети на власта. Значи државата од економските субјекти (фирмите) и од граѓаните в година планира да наплати 193,5 милијарди денари по основ на разни даноци. Ова претставува рекордно зафаќање на државата од стопанството и од граѓаните-нешто што во минатото беше особено силно критикувано од страна на сегашната власт кога беше опозиција.

Колку и како се планира да се трошат прибраните средствата?
Од друга страна, за наредната 2018 година, Владата има намера да потроши 211,7 милијарди денари, односно 18,2 милијарди денари повеќе во однос на собраните приходи. Со други зборови, предвиден е буџетски дефицит во висина од 2,7% од БДП, кој треба да се финансира со дополнително задолжување од надворешни или внатрешни извори, во зависност од пазарните услови. Ова, исто така претставува рекордно ниво на трошење на една Влада во однос на претходниот период. Еве ги планираните расходи според нивната намена:
-за плати се проектирани на 27,1 милијарди денари – раст од 460 милиони денари во однос на 2017 година
-за стоки и услуги се предвидени во висина од 17,2 милијарди денари –за 420 милиони денари помалку
-трансферите се планирани на ниво од 134 милијарди денари, (раст за 6,6 милијарди денари). При тоа, за пензии се предвидени 54 милијарди денари или 2,1 милијарда повеќе во однос на 2017 година, за активни политики за вработување се планирани 988 милиони денари (за 100 милиони денари повеќе), за  надоместок за невработеност се планирани 950 милиони денари (раст од 184 милиони денари),
-за поддршка на домашни претпријатија се предвидени 1,1 милијарда денари, а за продолжување на поддршката на странските компании со 970 милиони денари државна помош (или вкупно 2 милијарди денари)
-за субвенции во земјоделието заедно со руралниот развој се планирани 8,4 милијарди денари.
-за здравствена заштита се планирани 28,2 милијарди денари, т.е. 1,1 милијарди денари повеќе
-трансферите до ЕЛС се планирани на 17,9 милијарди денари, т.е. 893 милиони денари повеќе во однос на 2017 година.
-капиталните расходи се планирани во износ од 24,7 милијарди денари, односно раст од 1,3 милијарди денари во однос на 2017 година.

Според образложението на Владата, со овој буџет се пристапува кон постепена фискална консолидација, која се постигнува преку строга контрола и намалување на помалку продуктивните расходи, но и истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија.
Основните владини политики кои се финансираат преку овој буџет се:
-10 % повисоки плати за сите припадници на армискиот состав од јануари 2018 година (приближување кон НАТО стандарди)
-5% покачување на платите за вработените во ЈЗУ од септемвриската плата во 2018 година
-5% зголемување на платите за вработените во основно и средно образование и детските градинки почнувајќи од септемвриската плата во 2018 година
-нови вработувања во детските градинки со цел подобрување на грижата на децата
-редовно подмирување на обврските на буџетските корисници
-обезбедени средства за финансирање на здравствените програми
-зголемени материјални трошоци во Министерство за одбрана (НАТО стандарди)
-редовно законско усогласување на пензиите
-поддршка на домашни претпријатија и продолжување на поддршката на странските компании
-интензивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура, инвестиции во здравство, образование и детска заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и гасификација. 

Колку е сето ова реално остварливо?
Прво, Владата тргнува од едно оптимистичко сценарио за раст на стопанството, кое во основа го обезбедува и финансирањето на буџетот. Тука е и основниот ризик-дали и колку ќе се остварат прогнозите за економскио раст. Неостварувањето на овие основи ќе повлечи менување на зацртаните политики и откажување од дел на ветувањата. Второ, се предвидува буџетски дефицит кој ќе се финансира со ново задолжување, што во крајна линија само ќе го зголеми јавниот долг на државата-нешто што исто така беше жестоко критикувано од сегашната власт додека беше во опозиција. Ова говори дека буџетот, иако декларативно е структуиран да постигне фискалната консолидација сепак не ја постигнува и основната цел, а тоа е консолидација на јавниот долг-тој и понатаму ќе се зголемува. Трето, парцијалното зголемување на платата само за дел од вработените во јавниот сектор дополнително ќе го антагонизира односот меѓу Владата и вработените во администрацијата. Во овој дел веќе почнаа да се јавуваат сериозни реакции од страна на синдикалните организации. Четврто, зголемувањето на акцизите, колку и да е минимално, според образложението на Владата, носи ризик од зголемување на трошоците на работењето на стопанските субјекти (особено на оние кај кои нафтата е релативно висок импут-транспортот и земјоделието), а со тоа и пораст на цените на нивните производи или услуги, со што се намалува нивната конкурентска способност на домашниот и на странскиот пазар, а со тоа и нивниот обем на продажба. Ова од своја страна го доведува во ризик постигнувањето на планираниот економски раст, кој, рековме е основа за вака структурираниот буџет. Петто, шпекулациите за можните дополнителни зголемувања кај некои давачи (ДДВ, ПДД, придонесите), влијаат врз условите за стопанисување (економската клима за водење бизнис). Непредвидливоста на Владата во даночната сфера ги прави инвеститорите воздржани при носењето одлуки за нови инвестиции. И овој фактор исто така влијае врз постигнувањето на растот на БДП, кој е основа за изработката на буџетот.


Оттука, реалноста на желбите на Владата искажани преку оваа буџетска пресметка за наредната година зависи исклучиво од неа. Не е доволно да е транспарентна во поглед на приходите и трошењата. Владата е потребно да биде предвидлива и да не ги подгрева шпекулации особено во сферата на бизнисот. Играњето со даноците може да биде опасно и да ги стави во ризик шансите за иден економски раст на Република Македонија. Инвеститорите не сакаат непредвидливост и високи трошоци. Секој трошок на крај ќе биде пресметан во цената што ќе ја платат купувачите. Но, дали граѓаните се спремни и економски моќни да платат повисока цена е сериозно прашање кое Владата мора да си го одговори пред да донеси конечна одлука.


Comments