Анализа: Ефектите од странските директни инвестиции во Република Македонија

Анализа: Ефектите од странските директни инвестиции во Република Македонија-Според пресметката на НБРМ, ефектите од странските директни инвестиции се во висина од 660 милиони евра нето прилив за Република Македонија



Странските директни инвестиции што влегоа во Република Македонија во претходниот десетгодишен период, за време на мандатот на владата на ВМРО ДПМНЕ, несомнено придонесоа за позитивни промени во економијата. Нивниот придонес како во порастот на БДП, но и во зголемувањето на нивото на вработеност, односно намалувањето на невработеноста е лесно воочлив. Доволно е да се видат само основните показатели за растот на БДП, односно континуираниот пад на стапката на невработеност.

Од друга страна, тогашната опозиција, а сегашната власт никогаш не призна дека странските директни инвестиции се најдоброто нешто што и се случило на Република Македонија од осамостојувањето. СДСМ постојано се обидуваа да најдат некакви докази за некакви злоупотреби при воспоставувањето на договорите за инвестирање и при доделувањето на законски утврдените субвенции. Во насока на оваа нивна политика е и последната одлука на СДСМ, сега како владеачка партија, да ги обелодени сите договори склучени меѓу претходната Влада на ВМРО ДПМНЕ и странските инвеститори. Какви последици ќе има ваквата нивна одлука врз однесувањето на сегашните, а особено врз евентуалните идни инвеститори допрва ќе видиме, но самиот факт дека се објавува нешто што во бизнис светот се нарекува „деловна тајна“ претставува несериозно однесување на деловните партнери и сигурно ќе ја наруши довербата на странските инвеститори кон Република Македонија.  

Без разлика дали ќе се негираат или девалвираат странските директни инвестиции, сепак тие имаат огромен придонес за позитивниот развој на македонската економија. Во прилог на ова е последната „Анализа на ефектите од новите извозно ориентирани компании во домашната економија“ што неодамна ја изработи и објави Народната Банка на Република Македонија.

Во оваа анализа се утврдува директниот ефект на компаниите што инвестирале во индустриските зони (ТИРЗ) врз економијата, но и индиректните ефекти на овие компании. Исто така се пресметуваат и опортунитетниот фискален трошок на државата поврзан со даночните ослободувања предвидени за компаниите од зоните.

Според оваа анализа, директниот ефект од работењето на компаниите во слободните економски зони врз вкупната економска активност е утврден преку пресметка на новосоздадената вредност од нивното работење, односно нивното учество во вкупниот БДП на земјата. Така, резултатите од пресметките на додадената вредност на секоја компанија вклучена во анализата укажуваат на тоа дека во периодот од 2013 до 2016 година таа постојано расте, достигнувајќи 240 милиони евра во 2016 година.

Што се однесува на индиректните ефекти врз домашната економија, кои се утврдени преку набавките на стоки и услуги, како и на основни средства од домашни субјекти, тие се утврдени на ниво од околу 45 милиони евра во 2014 и 2015 година, додека во 2016 година износот е близу 33 милиони евра.

Од друга страна , со цел да привлечи што е можно повеќе странски инвеститори, владата на ВМРО ДПМНЕ во претходниот период направила вкупните трошоци за привлекување странски инвестиции, почнувајќи од маркетинг и промоција, па сѐ до изградба на технолошко-индустриските развојни зони во висина од околу 140 милиони евра, при што најголем дел од буџетските средства ги потрошиле двете главни државни институции за оваа намена, односно, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ). Исто така, државата им исплатила субвенции и грантови на анализираните компании во висина од околу 23 милиони евра (32,4 милиони евра во периодот 2007 – 2016 година).

Исто така, опортунитетниот фискален трошок на државата, утврден врз основа на потенцијалните обврски на овие компании за персонален данок на доход и данокот на добивка е пресметан на ниво од 1,1% од вкупните даночни приходи или околу 18 милиони евра за 2016 година.

Како конечен заклучок во оваа анализа е наведен позитивен нето ефект од работењето во индустриските зони во износ од 660 милиони евра, што претставува разлика меѓу вкупните трошоци на државата за привлекување странски инвестиции, од маркетинг и промоција, па сѐ до изградба на технолошко-индустриските развојни зони и опортунитетните трошоци на државата врз основа на данок на добивка и персонален данок на доход во периодот 2013 - 2016 година, од една страна и директните и индиректните ефекти од работењето на странските инвеститори во ТИРЗ, од друга страна.

Што се однесува на ефектот што компаниите од ТИРЗ го имаат врз трговскиот биланс, во оваа анализата е утврдено позитивно трговско салдо, кое што се интензивирало во последните три години. Имено, од просечно учество во БДП од 0,6% за периодот 2011 - 2013 година, нето-извозот на овие компании достигна 3,8% од БДП во 2016 година. Учеството на извозот на компаниите од ТИРЗ во вкупниот извоз на стоки од економијата постојано се зголемува, достигнувајќи 47,1% од вкупниот извоз во 2016 година. Како резултат на тоа, растот на извозот на новите фирми претставува основен движечки фактор за раст на целокупната извозна активност на земјата, во услови кога придонесот на останатите традиционални извозни сектори е мал или во изминатите години, негативен.

Исто така и структурата на извозот на овие компании значително се разликува од традиционалниот извоз на домашната економија. Имено, на страна на извозот преовладуваат производи на хемиската индустрија и опремата и машините, а во последните години се зголемува и извозот на возила. Ваквата промена во структурата, во корист на производи со повисок степен на обработка, коишто не се чувствителни на промените на берзанските цени, делува во насока на диверзификација на вкупниот извоз и намалување на неговата ранливост на ценовни шокови-се констатира во анализата.

Ефектот на странските директни инвестиции во ТИРЗ врз вработеноста е пресметан преку бројот на вработени лица во овие капацитети кој во 2013 година бил 5.620 лица, за во 2016 година да достигне 15.160 лица.

Имајќи ги предвид резултатите на оваа релевантна анализа на НБРМ, позитнивните ефекти на СДИ врз вработеноста, инвестициите и извозот се несомнени. Но, Република Македонија не смее да си дозволи запирање на позитивниот тренд на инвестирање од претходниот период. Во спротивно развојот може да влезе во фаза на стагнација, што секако негативно ќе се одрази врз идната вработеност.


Политиките на владата на СДСМ до сега не покажуваат знаци на продолжување на политиките на претходната влада за стимулирање на нови инвестиции. Напротив, чекорите што ги превзема владата водат кон нарушување на довербата на странските инвеститори во бизнис климата во Република Македонија, а со тоа тие се обесхрабруваат да го вложат својот капитал во нашата економија. Тоа и на краток и на долг рок нема да донеси добро за Република Македонија. Падот на инвеститционата активност ќе предизвика зголемување на невработеноста, за со тоа се повеќе млади лица ќе продолжат својата иднина да ја гледаат надвор од државата. Ваков развој на ситуацијата Република Македонија не може да си дозволи.

Comments