Го губи ли САД влијанието на Блискиот Исток: Турција и Саудиска Арабија купуваат руски С-400

Според саудиска телевизија Ал-Арабија, на маргините од посетата на саудискиот крал Салман бин Абдулазиз Ал Сауд во Москва бил постигнат договор за купување на ракетниот систем С-400 од Русија.  Наводно, овој меморандум за разбирање е потпишан со цел да му помогне на кралството да ја развие сопствената одбранбена индустрија.


Претходно, рускиот заменик премиер Дмитриј Рогозин изјави дека Ријад покажал интерес за купување на руски ракетни системи. "Се разбира, постои интерес. Разговорите за С-400 се во тек, но сé уште нема конечни одлуки ", додавајќи дека се одржуваат доверливи преговори за воено-техничка соработка.

Овој договор претставува потенцијална шанса за Русија. Саудиска Арабија претходно традиционално купуваше опрема за одбрана од САД.

Претходно оваа година, и Турција потпиша договор за купување на ракетен систем С-400 од Русија, чии што испораки, наводно, треба да започнат во рок од две години.

За овој потег Турција беше критикувана од страна на останатите членки на НАТО. Во својот одговор до критичарите, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган јасно изјави дека Анкара нема намера да ја чека заштитата на своите сојузници во НАТО.

"Тие се бесни затоа што направивме договор за С-400", изјави Ердоган во говорот што беше цитиран од "Хуријет". "Што очекувате? Треба ли да ве чекаме? Ние се грижиме за нашата безбедност. Преземаме мерки на претпазливост и ќе продолжиме да го правиме тоа ", рече турскиот лидер.

Турското приближување до Русија не треба многу да изненадува, со оглед на тоа дека Ердоган ја смета САД како позадина за неуспешниот државен удар во 2016 година. Со упорното одбивање на САД да го испорачаат на Турција  Фетула Ѓулен, кој во Турција е обвинет дека е инспираторот за државниот удар, но и големата помош што САД им ја даваат на курдските сили во Сирија, односите меѓу двете земји се повеќе се влошуваат. Затоа, Ердоган политички се повеќе се приближува до Русија и Владимир Путин. Во таа насока е и последниот договор за набавка на системите С-400.

Ако се земи предвид дека Иран е традиционален противник на САД, ситуацијата во Сирија се развива во корист на Асад, кој е уште еден противник на САД, а во Ирак е зголемено влијанието на шиитите, кои се поблиски до Иран, тогаш влијанието на САД на Блискиот Исток е сериозно доведено во прашање. Намерата за набавка на руски ракетни системи од страна на Саудиска Арабија, која е традиционален потрошувач на оружје на САД, може да биде само уште еден чекор во правец на дополнително истиснување на САД од регионот.


Инаку, системот S-400 е најнапредниот руски ракетен систем со долг дострел и може да носи три вида боеви глави дизајнирани да уништат цели во воздух вклучувајќи разни типови авиони, но и балистички и крстосувачки ракети.
S-400 е развиен во 1990-тите и е во служба во руските вооружени сили од 2007 година.Од страна на воените аналитичари, системот С-400 е карактеризиран како "еден од најдобрите системи за противвоздушна одбрана"


Comments