Во
собраниска процедура во тек е донесувањето на Измените и дополнувањата на
Законот за минимална плата, што беше всушност едно од предизборните ветувања на
СДСМ-воведување на минимална плата во износ од 12.000 денари. Но,според доставениот
предлог за измена на законот, не се гарантира исплата на минимална плата за
сите работници-некој може да добие и пониска плата и од минималната.
Во
измените на законот се предвидува исплата на минимална плата од 12.000 денари, но само ако работникот го исполни нормираниот учинок. При тоа, во овие
измени на законот се пропишуваат и упатства како да се определи нормираниот
учинок. Имено, „Нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавачот,
секоја година, во февруари, врз основа на критериуми на ефикасност на
производниот процес, утврдени од страна на работодавачот во соработка со
работниците, а кои критериуми мора да се исти за секоја техничко - технолошка
целина кај работодавачот“. Исто така и „Нормираниот учинок треба да е остварлив
за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко - технолошка
целина, пооделно“. Од друга страна, доколку
работодавачот не утврди нормиран учинок, му се заканува казна од 3.000 евра во
денарска противвредност.
Можноста
на работодавачот да исплати минимална плата во зависност од исполнувањето на
нормираниот учинок постоеше и претходно, но тој не беше конкретно дефиниран и
тоа не се земаше предвид при пресметката на минималната плата. Сега се дефинира
и конкретна обврска за дефинирање на нормирани учинок и тоа тој да биде
остварлив од најмалку 80% од вработените.
На
ваков начин, се условува исплатата на минималната плата на вработените во зависност
од исполнувањето на нормите. Дали при тоа нормите ќе бидат дефинирани реално
или не, а со тоа ќе претставуваат инструмент за „казнување“ на работниците од
страна на „газдите“ поради нивното неисполнување претставува сериозен проблем.
Сепак на ваков начин се создава можност за изигрување на законот и исплата на
плата пониска од минималната. Со тоа законот за минимална плата во никој случај
не им гарантира на работниците заштита на нивниот труд и исплата на минимален
надомест за нивната работа. Впрочем и платата од 12.000 денари е навистина
минимална.
На
предлогот за изменувања на законот за минимална плата и воспоставувањето на
критериумот нормиран учинок реагираше и Синдикатот на индустрија, енергетика и
рударство. Според нив се додека постои во законот термин нормиран учинок, како
услов за добивање на минимална плата, значи дека не постојат никакви гаранции
дека работникот ќе ја добија минималната плата. Тие бараат од законот да се
исфрли оваа формулација, со цел работникот навистина да добие минимална плата
за својата работа со полно работно време, без условувања, злоупотреби и
притисоци да работи подолго од полното време без дополнителен надоместок.
Законот
за минимална плата, вака составен, не ја погодува суштината поради која постои
и не гарантира минимална плата за сите вработени. Барањата на синдикатот се
сосема легитимни и оправдани. На потег е Владата.

Comments
Post a Comment