Правдата е „слепа“ за стариот Панче Ангелов

Панче Ангелов, лицето што ја повлече за коса актуелната министерка за одбрана (тогаш пратеничка) за време на упадот на народот во Собранието на Република Македонија (на 27 април 2017 година) е осуден на 4-годишна затворска казна. 

Ова претставува драконска казна со која се казнува лице кое до сега не е осудувано за друго дело, е над 60 годишна возраст и што во меѓувреме го призна делото и се извини. Меѓутоа, веројатно за судот и тоа не беше доволно за да се изрече друга, далеку поблага казна. Напротив судот сметал дека кривичното дело е направено без повод и причина, извршено е во законодавниот дом, нападнати се пратеници, нападот е снимен и таквите снимки предизвикувале страв и несигурност кај населението.

Оваа пресуда беше неочекувана и крајно изненадувачка и за самиот Панче Ангелов, кој видно револтиран го напушти судот. Од друга страна, за Радмила Шеќеринска најважно е да се казни насилството.


„За мене беше важно да се казни насилството и да се испрати пораката во оваа наша Македонија, дека насилството се казнува и ниту едно не смее да помине туку така, неказнето. Тие денови бевме помеѓу животот и смртта. Нашите домашни, семејствата не знаеја дали ќе се вратиме од работа живи или не. Јас не сум судија, не барав одмазда, барав правда. За мене клучна беше одлуката на Судот дека насилството мора да биде казнето. Просецот тука не запира. Во таа сала беа присутни повеќе насилници, некои и поопасни. Најважно од се, правдата нема да биде задоволена ако тие кои ги организираа, платија, им ги отворија вратите на насилниците не одговараат. Само така ќе ја пратиме пораките дека ова не смее да се повтори во Македонија“-изјави Шекеринска.


Изречената пресуда предизвикува лавина на негативни коментари особено на социјалните мрежи, каде јавноста жестоко реагира на висината на казната.

Изречената казна се става во контекст и со неодамнешните привремени ослободувања на двајца осудени криминалци (Агим Красниќи и Бајруш Сејдиу), осудени за тешки кривични дела. Јавноста е револтирана и се прашува како за лица кои се осудени на затворски казни за извршени тешки кривични дела како нерегуларности и предизвикување инциденти за време на избори, поседување оружје и злосторничко здружување, но и за перење пари, насилство, злосторничко здружување и фалсификување, се овозможува привремено ослободување од извршување на казната, а за стариот Панче Ангелов се изрекува толку висока казна.
Исто така, ниту еден од учесниците на т.н.„Шарена револуција“ не беше казнет за толку висока казна, иако во тој период и беше нанесена голема штета на државата.


Изрекувањето на високи казни за учесниците од настаните од 27 април 2017 година, не води кон смирување на ситуацијата, туку напротив само дополнително ќе ја подгрее. Сепак, останува впечатокот дека ваквата казна треба да испрати порака дека новата власт нема да толерира никого кој ќе работи спротивно на нивните интереси.


За стариот Панче Ангелов правдата е навистина слепа, или некој намерно и ги врзал очите за да испорача таква пресуда. Ако тој е казнет со ваква казна, каква ли казна ги очекува останатите учесници во крвавите настани во Собранието од 27 април?

Comments