Политичко шоу или вистина: Според владата на СДСМ политиката и практиката на претходната влада на ВМРО ДПМНЕ за привлекување на СДИ, кои имаат позитивен нето-ефект врз македонската економија во висина од околу 660 милиони еврa и нето-девизни приливи од 8,6% од БДП се резултат на политичко шоу, а не економски раст
Владата
на Република Македонија вчера, 13.09.2017 година, официјално ја изврши
долгоочекуваната декласификација на договорите на претходната Влада со
странските инвеститори и ги обелодени трошоците за привлекување на странските
директни инвестиции во периодот 2007-2017 година.
На
пресот насловен како „Анализата на трошоците - наспроти резултатите од
странските директни инвестиции во Македонија период (2007 – 2017 година)“,
портпаролот се обиде да ја претстави констатацијата на Владата дека претходната Влада направила несразмерно огромни трошоци за привлекување на странски
директни инвеститори, наспроти ефектите од нив.
Главната
поента на пресот се сведува на следните констатации:
- во периодот 2007-2017 година заклучно
со месец мај, биле дадени над 225 милиони евра за влез на 25 странски компании,
- во овој период од 10 години,
вкупното олеснување што странските инвеститори го добиле по основ на даночно и
царинско ослободување, изнесува 69 милиони евра,
-овие 25 странски компании оствариле
20.000 вработувања и
-само 1% од своите набавки ги правеле
преку македонското стопанство.
Владата
на РМ од овие бројки изведе заклучок дека поранешната влада на Република
Македонија потрошила пари од буџетот во просек по 11.000 илјади евра по работно
место. При тоа, дополнително потенцираа дека голем дел од овие 20.000
вработувања не биле нови вработувања, туку се работело за преземање на
работници од македонското стопанство кои веќе биле во работен однос.
Карактеристично
за оваа анализа е тоа што ефектите од странските инвестиции, Владата ги гледа
единствено во вработувањата што се реализирани и деловната соработка на
странските инвеститори со македонското стопанство. Но и овие ефкти не се реално
претставени.
Ваквиот
став на Владата не е сосема објективен и е крајно тенденциозен. Целта е да се
минимизираат и прикријат вистинските ефекти од странските директни инвестиции
во претходниот 10-годишен период.
На
оваа анализа на Владата, како контра-аргумент ќе ги изнесам податоците од
неодамнешната анализа на Народната банка на РМ направена за ефектите на
странските инвестиции во Република Македонија. Станува збор за сосема
релевантна анализа направена врз основа на релевантни и изворни податоци и
истата нема никаква политичка позадина.
На
почеток, сакам да укажам дека анализата на НБРМ е направена на вкупно 19
странски компании и за период од само 4 претходни години (2013-2016 година), а
анализата на владата е за 25 компании за период од 10 години.
Според
анализата на НБРМ, придобивките од работењето на овие компании се претставени
како збир на додадената вредност (директен ефект врз македонската економија), набавките
на овие компании од домашните субјекти за инвестициски набавки и расходите за
стоки и услуги набавени на домашниот пазар (индиректен ефект). Според тоа:
-додадената вредност, т.е. „чистата“
нова вредност генерирана од компаниите изнесува околу 617 милиони евра, за
последните четири години.
-вредноста на вкупните инвестициски
набавки (набавка на основни средства) направени од домашни субјекти е проценета
на околу 148 милиони евра, а
-вредноста на вкупните расходи за
стоки и услуги набавени на домашен пазар изнесува околу 78 милиони евра,
-бројот на вработено во овие компании
се зголемил од 5.620 во 2013 година, на 15.160 вработени во 2016 година,
-маса на исплатени плати и надоместоци
на плата (во нето износ) за периодот 2013-2016 година изнесува 133 милиони
евра, но и
-овие компании создаваат нето-девизни
приливи во домашната економија од 8,6% од БДП во периодот 2008-2016 година.
Од друга страна, вкупните трошоци на
државата за привлекување странски инвестиции (од маркетинг и промоција, па сѐ
до изградба на технолошко-индустриските развојни зони), во последните десет
години изнесуваат околу 140 милиони евра. Во периодот 2007 - 2016 година,
државата им исплатила субвенции и грантови на анализираните компании во висина
од околу 32,4 милиони евра). Опортунитетните трошоци на државата врз основа на
данок на добивка и персонален данок на доход во периодот 2013 - 2016 година се
проценети на вкупно околу 44 милиони евра.
Како краен заклучок од анализата,
НБРМ констатира дека постои позитивен
нето-ефект од работењето на индустриските зони во висина од околу 660 милиони
еврa за периодот 2013-2016 година, што претставува воедно и
конзервативна оцена, со оглед на тоа што предвид се зема само четиригодишен
период на активност на зоните, а десетгодишен период на трошења од страна на
Владата и соодветните агенции наменети за привлекување СДИ.
Во основа можам да констатирам дека
трошоците за привлекување на странските инвестиции се некаде во рамките
прикажани од страна на Владата, но ефектите во никој случај не можат да се
ограничат само на постигнатите вработувања. Ефектите се далеку поголеми и се
крајно позитивни за целата македонска економија.
Не е точно дека овие 22.000
вработувања не се новоотворени работни места. Тие не постоеле како работни
места пред доаѓањето на странските инвеститори, туку се отвораат со самото
нивно доаѓање. Со тоа што добар дел се пополнети со вработени кои и претходно
биле вработени во македонската економија, значи дека се ослободени работни
места во македонската економија кои, пак се пополнети со други невработени
лица.
Ефектот на СДИ врз македонската
економија е несомнено позитивен. Појавата на СДИ придонесе за огромен пад на
невработеноста на историско ниво од 22,6%, зголемување на стапката на
вработеност и континуиран позитивен раст на целокупната економија. Овие факти
не можат да се занемарат, ниту да се искриват преку било какви спинови, лаги
или недокажани работи.
Напротив, и сегашната Влада нема
голем избор и мора да ја продолжи политиката на привлекување на СДИ. Само на
таков начин македонската економија ќе добие дополнителен позитивен импулс во
својот развој. Во спротивно ќе се соочиме со намален раст, евентуална
стагнација но и ризик од рецесија. За жал последните статистички податоци
сигнализираат дека сме во ситуација на стагнација, со тенденција кон рецесија.
Тоа
сценарио е погубно за Македонија. Неопходни се итни мерки за запирање на падот
на економската активност и негово поттикнување. Клучот за тоа во добар дел е и
кај странските инвеститори.

Comments
Post a Comment