Србија се вооружува

Србија има намера да ја зајакни својата армија со моќен одбрамбен ракетен систем С-300, како и со 7 авиони МИГ-29 по пат на купување од Белорусија.
  


Претседателот Александар Вучиќ ќе се состане со белорускиот претседател Александар Лукашенко на 1-ви ноември. Главната тема ќе биде набавката на S-300 системот. Покрај тоа, од Белорусија Србија има намера да купи уште седум МиГ-29, соопштуваат српските портали.

Разговорите за воена соработка меѓу Белград и Минск  се водат од почетокот на оваа година, а Вучиќ и Лукашенко разговарале за можноста Србија да добие ракетен систем С-300 според најповолните услови.

Претходно, за набавка на системот С-300 Србија водеше преговори и со Русија, но не е постигнат договор. Понудата што е добиена од Минск, а која ќе биде објавена во ноември,според српските официјални лица е „многу поповолна од понудата што ја имавме од Москва".


Неодамна во Србија стигнаа 6 авиони МиГ-29, добиени од Русија како поклон. Авионите, кои беа доставени во делови треба до 20 октомви да бидат официјално промовирани и ставено во употреба. Потоа следува период на нивна модернизација со цел подобрување на нивните тактички перформанси, како и продолжување на нивниот век на употреба.

Според плановите на српското министерство за одбрана, се планира во наредните 10 години да се зајакни заштитата на воздушниот простор на Србија, како и да обнови противвоздушната опрема, за што очекуваат голема поддршка од Русија.

Освен Србија, која допрва планира набавка на системот С-300, на Балканскиот Полуостров ваков систем поседуваат уште и Бугарија (10 системи), Грција (8 системи), но и Хрватска (Набавен од Украина за време на војната 1991-1995 година. Се претпоставува дека системот никогаш не бил комплетиран ниту употребен во борбени дејствија. Од 2004 година системот најверојатно е отстапен на САД).

Авиони МиГ-29, освен Србија, во своето вооружување има и Бугарија (19 авиони).

Comments