Грција ќе ни ја прочисти историјата, а Бугарија ќе ни ја напише

Неодамна грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас објави дека се договорил во Њујорк  со „многу интересниот министер за надворешни работи на нашиот сосед Никола Димитров“ да се формира заедничка комисија, која почнувајќи од 4 ноември, во рок од 4 месеци  ќе треба да ги „прочешла“ училишните книги за да го искорени иредентизмот и мапите кои што постојат во учебниците. Како ќе „чешлаат“ и што при тоа ќе отстранат од учебниците не е познато, затоа што МНР на Република Македонија не се изјаснува конкретно што ќе бидат надлежностите на оваа комисија. Но, и без нивно објаснување, во основа се знае што и пречи на Грција-Македонија како целина.

Никола Димитров и Никос Коѕијас
Фактот за негаторскиот однос на Грција кон Македонија и Македонците е неоспорен. Тој има свој историски континуитет, не само во последниве 26 години, откако Република Македонија стана независна. Во овој период негаторските обиди на Грција само го доживеаја својот врв. Напротив, обидите на Грција за негација на посебноста на Македонците и нивна елинизација датира далеку во минатото. Почнувајќи од обидите на Византија со помош на Цариградстата Патријаршија, па се до напорите на современата грчка држава во 19 и 20 век, процесите на негација на македонците и елинизација на населението беа во континуитет спроведувани. Со текот на времето тие само се засилуваа, па од полето на образованието и културата, постепено се премина кон воено решавање на прашањето.

Ова е факт кој има свои докази низ историјата. За македонско-грчките односи низ историјата има многу што да се пишува. Обидите за елинизација на Патријаршијата беа засилени со формирањето на андартските чети во почетокот на 20 век. Поделбата на Македонија во 1912-1913 година, потоа граѓанската војна во 1946-1949 година, која патем се водеше на територијата на Егејска Македонија не беше доволно за Грција да го реши проблемот со Македонија и Македонците. Овој последен обид за ретуширање на историјата на Македонија претставува нов обид во низата такви за постигнување на истата цел.

Како ќе се спроведува ова „чешлање“ на историјата можам само да претпоставуваме. Но, тоа во никој случај нема да може да ги побие фактите кои се дебело агрументирани, па така на Грција ќе и треба ѓаволски голем напор да ги проголта некои заеднички моменти кои ги имале низ историјата со нас Македонците. Така, и да сакаат нема да можат да го скријат фактот дека нивниот обид за културна асимилација на Македонците во 19 век не успеал, па им требало да формираат и сила за принуда - андартските чети, кои извршиле огромни злосторства врз невиното население.  Нема да можи да се скријаат масакрите во селата Зеленич (во 1904 год.), Загоричани (1903 и 1905) година, нема да можи да се ретушира дејноста на крвниците Павлос Мелас и митрополитот Германос Каравангелис, кои на своите души носат стотици невини македонски жртви. Со ништо нема да може да се ретушира фактот дека Македонците со векови живееле на територијата на Егејска Македонија, а потоа во 1949 година се принудно иселени. Ова денес се нарекува геноцид и етничко чистење. Овој факт, кој што денес можат да го потврдат живи сведоци.

с.Загоричани после масакрот
Сепак, и ова е дел од низата на погрешни чекори на Владата на Република Македонија, кои наводно треба да ни ги отворат вратите на ЕУ и НАТО. Нормализацијата на односите со соседите е неопходна и неизбежна работа, но таа не може и не треба да се изврши и по цена на откажување од македонските национални интереси - од сопствената историја.

Оттука, имајќи ги предвид мерките за нормализација што ги превзеде владата, произлегува дека Грција ќе ни ја прочистува нашата историја, а Бугарија, според склучениот договор за добрососедство ќе ни ја напиши.


Comments

Post a Comment