Се
чини Владата на чело со Зоран Заев постепено го припрема теренот за зголемување
на некои даноци и придонеси. Неодамна лично тој најави дека веќе се размислува
заедно со УЈП и Министерството за финансии во тој правец. Иако неговата изјава
се однесуваше во правец на зајакнување на финансиските ресурси на општините,
сепак провладините медиуми ја проширија суштината и на зголемување на некои
давачки на ниво на држава. Со цел да се амортизира негативниот прием на ваквите
владини политики меѓу граѓаните, вицепремиерот Кочо Анѓушев во изјава дадена на
медиумите допрецизира дека „Било каква измена на даночната политика ќе биде во
прилог на граѓаните и на стопанството на Република Македонија. Значи нема да се
случи без поширока расправа“.
Јавната
расправа за потребата за зголемување на даноците и понатаму продолжува. Дел од
експертите го правдаат ваквиот пристап на Владата, додека дел укажуваат на
катастрофалните последици од зголемувањето на даноците.
При
тоа како појдовна основа за утврдување на потребата за зголемување на даноците
и придонесите се наведува хроничниот дефицит во буџетот на Република
Македонија, кој од своја страна е причина за релативно високиот јавен долг.
Потребата
за фискална консолидација претходно беше посочувана и од страна на релевантните
меѓународни институции, како ММФ и СБ. ММФ во својот Извештај од септември 2017
година дури и препорачуваше зголемување на ДДВ-то на горивото за моторни
возила, како и на даноците на имот, но и намалување на буџетските издатоци во
форма на субвенции, како и реформа во пензискиот систем.
Предлозите
за промена во даноците и придонесите не е некоја новост презентирана од страна
на СДСМ. Во предизборната кампања за декемвриските парламентарни избори СДСМ се
залагаше за воведување на прогресивно оданочување преку зголемување на ПДД на
18% за лицата со високи примања.
Но,
од друга страна, најавите на Владата на СДСМ за зголемување на даноците и
придонесите е во спротивност на Планот за економски развој што минатиот
септември го промовираа премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев. Според
тогашните најави на првите луѓе на Владата, планот за економски развој требаше
да обезбеди зголемување на конкурентноста на стопанството и подобар животен
стандард на граѓаните. Зголемените даноци и придонеси ќе имаат токму спротивен
ефект.
Со
оглед на фактот дека за сега не постојат конкретни предлози што и колку ќе се зголемува,
останува само да шпекулираме за тоа.
Најизвесно
е зголемувањето на персоналниот данок на доход (ПДД). Според предизборните
ветувања на СДСМ, стапката на ПДД ќе треба да се зголеми од 10% на 18%, но само
за приходите над 60.000,00 денари. Практично тоа значи враќање на стариот
систем на прогресивно оданочување, кој функционираше пред 2006 година, кога
Владата на ВМРО ДПМНЕ го вовоеде т.н.„рамен данок“. Ваквиот пристап нема да има
некои големи ефекти за буџетот, со оглед на фактото дека само околу 5% од
вработените имаат примања над 60.000,00 денари месечно. Додека од друга страна,
ќе ги поттикни обидите за даночна евазија или намалување на платите со цел избегнување
на дополнителните давачки.
Најголем
полнач на буџетот на РМ е данокот на додадена вредност (ДДВ-то). Тој се плаќа
при секоја набавка на стоки или користење на услуги од страна на сите граѓани,
затоа што е дел од цената на секој производ или услуга. Оттука, секое
зголемување на даночната стапка на ДДВ (од 5% или 18%, колку што се актуелните
стапки) за 2 или 3 процентни поени ќе значи и најверојатно зголемување на
цените на стоките и услугите. Ваквото зголемување на цените е повеќе од
очекувано затоа што ниту еден производител или трговец нема целосно или делумно
да се откажи од маржата што ја заработува во корист на државата. Напротив,
зголемената даночна стапка ќе биде вкалкулирана во цената на стоките и
услугите, а крајниот корисник ќе биди тој што ќе ја плати. Сето тоа ќе води кон
пораст на цените, појава на инфлација, но и намалување на животниот стандард на
граѓаните.
Зголемувањето
на стапките на придонесите за социјално осигурување (ПИО, здравство и
вработување) самостојно или во комбинација со зголемување на ПДД, како и
данокот на добивка ќе бидат директен товар на фирмите. На таков начин фирмите
ќе бидат оптоварени со дополнителни трошоци, кои во крајна линија ќе ја намалат
нивната конкурентска способност на домашниот и на странските пазари. Исто така,
ова ќе значи и поскапување на цената на работната сила, што претставува
негативен сигнал за идните инвестиции (домашни или странски) и отворање на нови
работни места.
Сето
ова во целост ја демантира изјавата на вицепремиерот Анѓушев. Напротив, зголемувањето
на даноците во целост ќе биди на товар на граѓаните и на фирмите. Исто така,
ваквиот пристап на Владата ги торпедира основните цели што се сакаат да се
постигнат со Планот за економски развој, што патем речено, до дека требаше да
биде донесен.
Факт
е дека Република Македонија има хронично висок буџетски дефицит, што е речиси
основна причина за растот на јавниот долг на постоечкото ниво. Но, состојбата
не е толку и трагична за да се превземаат вакви, би рекол радикални мерки.
Владата и со такво ниво на јавен долг успева да обезбеди средства за негово
рефинансирање, при тоа и бонитетот на Република Македонија не е доведен во
прашање. Владата може да ги зголему давачките и врз таа основа да прибери
дополнителни приходи во буџетот, но краткорочната добивка подоцна може да
предизвика и долгорочна загуба. Порастот на било која давачка на крај се
рефлектира врз цените. Затоа што и
трошоците за работната сила и ДДВ-то се дел од цената на производот или
услугата. Порастот на цените на стоките и услугите води кон намалување на
животниот стандард и дополнително осиромашување на граѓаните, порастот на
цената на работната сила го поскапува производството и цената на чинење, што во
крајна линија влијае врз конкурентската способност на македонските
претпријатија на домашниот, но и на странските пазари. Во намера да ја подобрат
својата конкуректска способност, фирмите можат да пристапат кон намалување на
тековните плати, но и отпуштање на дел од работниците. Во основа, секое
зголемување на давачките води кон појава на даночна евазија, но и сива или црна
економија. Не смее да се дозволи идниот економски раст да биде жртвуван за
решавање на тековни проблеми.




Comments
Post a Comment