Лидерот
на Каталонија Карлес Пуџдемон пред регионалниот парламент на Каталонија во
Барселона го одржа долго очекуваното обраќање. Пред пратениците тој ја прочита
Декларацијата на претставниците на Каталонија и изјави дека Каталонија го доби
правото да биде независна држава во форма на република. Својата независнот
Каталонија ја заснова на резултатите од неодамна одржаниот референдум на кој,
според Пуџдемон, изборот беше недвосмислен за независност. Исто така ги повика
државите да ја признаат независноста на Каталонската република.
Меѓутоа,
со цел да се даде поголем простор за разговори со централната влада во Мадрид,
Пуџдемон побара независноста да се суспендира за неколку недели.
Ден
после обраќањето на Пуџдемон, од Мадрид се обрати шпанскиот премиер Маријано
Рахој, кој побара од каталонските власти прецизно да се изјаснат дали прогласиле
независност или не. Рахој му даде рок на
Пуџдемон од 8 дена да се изјасни дали официјално е прогласена независност на
Каталонија. Одговорот на каталонските власти ќе ги одреди идните активности на
Мадрид.
Кои се алтернативите на
Мадрид?
Централната
влада на чело со Маријано Рахој во основа има две алтернативи: конфронтација со
провинциските власти или разговори.
Доколку
одговорот на каталонските власти е спротивен на уставот на Шпанија, а тоа е
инсистирањето за независност, централната власт има уставна можност, преку
повикување на членот 155 од шпанскиот устав, да воспостави директна управа врз
Каталонија. Претходно од страна на Мадрид беа испратени дополнителни полициски
сили (околу 4.000 лица) кои треба да останат до разрешувањето на кризата.
Ваквиот пристап на Мадрид може само да ја заостри ситуацијата и истата да
ескалира во насилства и евентуални оружени судири.
Втората
алтернатива е започнување на преговори со провинциските власти, во насока на
зголемување на автономните права на Каталонија. Оваа алтернатива претпоставува
признавање на резултатите од референдумот и врз таа основа започнување на
разговори за мирни разрешување на кризата. Разговорите би имале за цел
проширување на автономните права на провинцијата во насока на поголем удел на
провинцијата врз сопствените приходи и понезависно одлучување од централната
власт во Мадрид. Рахој во своето обраќање пред парламентот ја најави можноста и
за промена на шпанскиот устав во насока на задоволување на барањата на
каталонските власти.
Пуџдемон е на „тенок
мраз“
Одлуката
на Карлес Пуџдемон и на каталонските власти во основа е разумно решение.
Алтернативата беше судир со неизвесни последици. На ваков начин Пуџдемон остави
простор за натамошни разговори и мирно решавање на „Каталонското прашање“.
Аргументите на каталонските власти за независност, и покрај големата желба за
сопствена држава сепак не се сосема издржани, а домашната и меѓународната
ситуација не им оди во прилог. Прво, на
одржаниот референдум навистина околу 90% од гласачите кои излегоа да гласаат,
гласаа за независност, но излезеноста беше 43% од гласачкото тело, што не е
мнозинство од вкупниот број на избирачи. Второ, ЕУ недвосмислено се изјасни
дека нема да ја признае независноста на Каталонија и дека го поддржува
територијалниот интегритет на Шпанија. Каталонското прашање за ЕУ е внатрешно
прашање на Шпанија. Трето, со цел да изврши дополнителен притисок врз
каталонските власти, Шпанија воведе и економски мерки во насока на олеснување
на постапката на трансфер на бизнисите од Каталонија во останатиот дел на
Шпанија. Некои големи компании во претходниот
период навистина ги префрлија своите седишта од Каталонија во Шпанија. На таков
начин им се даде до знаење на каталонските власти дека нивната економија после
осамостојувањето нема да биде како и претходно. Имајќи го предвид и ставот на
ЕУ дека доколку Каталонија стани независна држава, таа нема автоматски да биде
и членка на ЕУ, сето тоа претставува сериозен економски аргумент за одлуката за
суспензија на независноста на каталонските власти.
Каква би била
ситуацијата во која би се нашла независна Каталонија
Новата
Каталонска Република би била држава непризната од никого, надвор од ЕУ, надвор
од евро-зоната (без заедничката валута-евро), надвор од Шенген-зоната (нема да
имаат можност граѓаните на Каталонија за слободно движење низ ЕУ). Исто така
извозод во ЕУ би бил оптоварен со царини и евентуални други давачки, кои во
крајна линија би го направил извозот неконкурентен. Бидејќи Каталонија на некој
начин би била и блокирана од Шпанија, економската ситуација нема во никој
случај да биди како и сега. Со еден збор, иднината на Каталонија е сосема
неизвесна.
Сето
ова се сериозни аргументи кои не би требало да се игнорираат. Затоа и Пуџдемон,
од една страна, но и Рахој од друга страна ја подотворија вратата за разговори.
Кој правец ќе го избери Каталонија за брзо ќе видиме.



Comments
Post a Comment