Германија ја менува политиката кон мигрантите?

Под притисок на изборните резултати од последните избори, Ангела Меркел ретерираше во својата досегашна политика. Наместо принципот на „отворени врати“ кон мигрантите, таа сега прифати воведување на т.н. „горна граница“.


Во обидот да состави постизборна владејачка коалиција, раководствата на партиите од Унијата, германската канцеларка Ангела Меркел од ЦДУ и баварскиот премиер Хорст Зехофер од Христијанско социјалната унија и нивните соработници преговараа околу спорните теми цели 12 часа и со цел да ги надминат разликите околу прашањето на мигрантите. Постигната е согласност според која „нето-доселувањето“ од хуманитарни причини (бегалци и баратели на азил, супсидијарно заштитени лица, како и лица дојдени по основ на спојување на семејства, а земајќи ги во предвид и оние кои доброволно заминуваат од земјата или се депортирани) годишно не треба да надминува 200.000 луѓе. При тоа, со ова не се опфаќа доселувањето на работна сила од странство или од ЕУ-државите.

Според плановите на партиите од Унијата се предвидуваат промени и во третманот на мигрантите. Наместо досегашното слободно движење, мигрантите ќе бидат ограничени во тоа. Баратели на азил ќе бидат сместувани во т.н. „Центри за одлучување и депортација“ (според примерот на соодветните центри кои веќе постојат во баварските градови Манхинг и Бамберг, како и во баден-виртенмбершкиот град Хајделберг) и ќе треба да останат во тие центри се до донесувањето на одлуката дали тој ќе им биде одобрен.

ЦДУ и ЦСУ имаат заеднички став да не дозволат повеќе повторување на праксата на прием на огромен број бегалци како оној во 2015 година.
Ваквиот политички потег на традиционалните сојузници ЦДУ/ЦСУ е изнуден од резултатите на последните парламентарни избори каде што и двете партии доживеаа сериозни загуби на гласачкото тело, за сметка на подемот на популистичката десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД). Ова е доволен сигнал за лидерите на коалицијата да извршат промени во нивните политики, посебно воделот на третманот на мигрантите. Факт е дека подемот на АФД во добар дел се должи на политиката на „отворени врати“ што владата на Ангела Меркел ја имаше кон мигрантите. Неконтролираниот прием на мигранти од блискоисточните и африканските земји, а особено инцидентите кои ги направија тие во Германија го зголемија незадоволството на граѓаните и ги стимулираа да им ја дадат својата поддршка на АФД на последниве избори.

Покрај ЦДУ/ЦСУ за формирање на влада потребни се и други партнери. Ако се исклучат АФД, за која сите партии се изјаснија дека нема да коалицираат, и СПД, која се изјасни дека ќе биде опозиција, како потенцијални партнери се јавуваат Зелените и Либералите (т.н.„Јамајка-коалиција“). При тоа неизвесно е каков ќе биде ставот на овие потенцијални партнери по ова прашање.

Comments