Државен завод за статистика: стоковата размена на Република Македонија со странство изнесува 7.520.725 илјади евра. Пад на извозот и увозот во месец август 2017 во споредба со претходниот месец

Според пресметките на Државниот завод за статистика вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-август 2017 година, изнесува 3.191.856 илјади евра и бележи пораст од 14.1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увозот, во периодот јануари-август 2017 година, изнесува 4.328.869 илјади евра, што е за 9.8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-август 2017 година, изнесува 1.137.013 илјади евра. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-август 2017, изнесува 73.7%.



Во периодот јануари-август 2017 година, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

Според производите кои се предмет на трговската размена, во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и фероникелот. Од друга страна, во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

На месечно ниво, надворешно-трговската размена на Република Македонија во месец август 2017 година бележи пад во споредба со претходниот месец. Вкупната вредност на извозот во 08/2017 година изнесува 379.090 илјади евра, што е за 8,2% помалку во споредба со претходниот месец. Исто така,намалување е пресметано и кај увозот од 3,4% во споредба со претходниот месец.

На што се должи евидентираниот пад на надворешно-трговската размена на месечно ниво, односно дали станува збор за сезонски фактори или пак на други околности, треба да биде предмет на дополнителни анализи.



Comments