22 години од атентатот на Киро Глигоров-Мистеријата и до ден денес не е разјаснета

Денес се навршуваат 22 години од атентатот врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров. И по 22 години се уште останува енигма кој и зошто сакаше да го ликвидира председателот Глиговор. Истрагата што беше покрената веднаш по извршувањето на чинот, до ден денес не ги даде очекуваните резултати. Во меѓувреме претседателот Киро Глигоров почина во длабока старост, од природна смрт на 1 јануари 2012 година, на 94 годишна возраст.


Што се случи на 3 октомври 1995 година
Атентатот се случи после 20 дена од склучувањето на Привремената спогодба меѓу Република Македонија и Грција, во седиштето на ОН во Њујорк, на 13 септември 1995 година, кога Република Македонија и Грција ги формализираа билатералните односи, и се поставија основите за натамошно релаксирање на високите тензии во меѓусебните односи. Република Македонија после оваа Спогодба требаше да излезе од последната блокада и да започне да се развива по еден нормален правец.

Атентатот се случи и еден ден по средбата на претседателот Глигоров и тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ во Белград, на која беа договарани чекори за нормализирање на односите и меѓусебно признавање.


Утрото, на 3 октомври 1995 година, во 09.50 часот, патувајќи  кон службените простории во Собранието на Република Македонија, на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“во Скопје движењето на службеното возило на претседателот Глигоров беше успорено од возило „фиќо“. Непосредно потоа, со далечински управувач беше активиран 20 килограми експлозив, сместен во автомобил „цитроен ами 8“. Од силината на експлозијата, ситроенот беше целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу. Експлозивната направа била производство на ЈНА, а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици  челични топчиња кои имаат смртоносно дејство во радиус од околу 50  метри.  Автомобилот  бил намерно избран за поставување на бомба, затоа што тенкиот лим може при силна експлозија да се распрсне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков поголем шрапнел на место го убива возачот на претседателот Александар Спироски, а од други шрапнели се повредени телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски и случајните минувачи Христо Христоманов (подоцна и тој им подлегнува на повредите), Климе Коробар и Јован Атанасовски. Претседателот Глигоров го преживува атентатот, но му се нанесени тешки повреди во пределот на главата. Веднаш е префрлен во Клиничкиот центар во Скопје, каде што му беше извршена тешка операција на главата од страна на неврохирургот др. Јовица Угриновски. После три месеци закрепнување од повредите, претседателот Глигоров, на 14. јануари 1996 година се враќа на функција. Атентатот врз претседателот остава длабока трага врз него и тој своите повреди ќе ги носи на себе до крајот на својот живот.


Незавршена истрага
Тогашната влада на Бранко Црвенковски (во која министер за внатрешни работи беше Љубомир Фрчковски) веднаш започнува да спроведува обемна истрага под кодно име „Автомобил“. Во истрагата се вклучиле и безбедносните служби на САД, Германија и  Британија. Во истрагата се претресени 30.850 возила, прегледани се повеќе од 15.000 објекти, легитимирани над 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои имала индиции дека се можни сторители на атентатот. Исто така беше распишана и награда од 1 милион германски марки. По неколку месеци од атентатот, како еден од можните атентатори, е посочена т.н. „Ослободителна војска на Македонија“ со седиште во Австралија. Понатаму, како нарачатели се посочуваат бугарската организација „Мултигруп“, југословенската „КОС“ и т.н. „Братиславска врска“, но не се пронајдени тврди докази околу нивната вмешеност во атентатот. Од друга страна, за да ги отфрли шпекулациите за вмешаност во атентатот првите луѓе на „Мултигруп“ лично дојдоа во посета кај Глигоров. Во април 2008 година преку дневните медиуми е пласирана информација дека организатор на атентатот била албанската организација „КОС“, но и оваа информација не е потврдена.


Истрагата до ден денес не ги откри ниту извршителите, ниту наредбодавачите, ниту пак причините поради кои беше извршено ова дело. Таа се уште се води против непознат сторител. Дел од безбедносните аналитичари сметаат дека дел од вината за нерасветлувањето на овој случај имаат и македонските истражни органи поради грешките и пропустите направени во истрагата. Тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрковски, но во 2008 година ќе изјави дека „најмногу треба да се истражува српската линија. Внатрешен политички заговор не постои, но сигурно има луѓе во нашите безбедносни служби што им помагале на тие однадвор. Лично сум уверен дека ветрот за тој атентат дува од Србија“. Исто така и Павле Трајанов, наследник на Фрчковски на министерската функција подоцна сметаше дека: „сторителите на атентатот треба да се бараат на спрегата на военоразузнавачките структури на Србија, на такви наши структури и на политичката поддршка што ја имале“. Дури и синот на претседателот, Владимир Глигоров, во една своја колумна во 2010 година јавно изјави дека  властите во Македонија „не покажаа некој особен интерес да ги пронајдат атентаторите“. Од друга страна во текот на самата истрага се случија мистериозните загинувања и самоубиства на лицата кои навистина биле дел од опкружувањето на Глигоров или се претпоставувало дека се поврзувани со атентатот. Сето ова само ги подгрева и понатаму ќе ги поттикнува шпекулациите околу тоа дали истражните органи објективно толку можеа да постигнат или толку сакаа.


Иако атетнтатот е професионално подготвен и извршен, само среќна околност е што претседателот Глигоров преживува. За жал, истата среќа не ја имаше неговиот наследник на функцијата, претседателот Борис Трајковски, кој трагично загина во авионската несреќа кај Мостар на 26 февруари 2004 година.

До ден денес, а и понатаму веројатно ќе остане енигма кој го изведе овој чин на политичко насилство и која била политичката цел што сакал да ја постигне.




Comments