Раст на цените на мало и трошоците за живот во септември 2017 година

Државниот завод за статистика утврди пораст на цените на мало и трошоците за живот во септември 2017 година во однос на истиот месец од претходната година.


Индексот на цените на мало бележи пораст за 4.1%, а индексот на трошоците на животот бележи пораст од 1.7% во овој период.

Најголем пораст на цените на мало има кај услугите за 8,1%, земјоделските производи за 6,5% и кај прехрамбените производи за 2,6%.

Што се однесува на трошоците за живот, поголем пораст е евидентиран кај комуникациите за 9,5%, алкохолни пијалаци и тутун за 6,7%, транспортот за 6,3%, и кај ресторани и хотели за 4,1%.

Споредено со претходниот месец (август 2017 година), индексот на цените на мало и трошоците за живот е на исто ниво. Поголем пораст на индексите на трошоците на животот во септември 2017 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и замрзнат зеленчук освен компир за 2.3%, млекото за 1.5%, другите преработки од месо за 1.2%, како и кај гасот за домаќинствата за 4.1%, течните горива за домаќинствата и течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 2.4%, информатичката опрема за 1.9%, теписите и другите покривки за под за 1.3%, цврстите горива за домаќинствата за 1.2%, малите електрични апарати за домаќинствата, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 1.1%, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа, ветеринарните и другите услуги за домашни миленици за 1.0%. Додека намалување на индексите на трошоците на животот во септември 2017 година, во споредба со претходниот месец, е забележанo кај сувото овошје и јаткастите производи за 7.0%, другите прехранбени производи за 1.2%, сушениот зеленчук, друг конзервиран и преработен зеленчук и компирот за 1.1% и кај болничките услуги за 9.1%, услугите за сместување за 4.6%, авионскиот превоз на патници за 3.1%, туристичките пакет- аранжмани за 1.3%, предметите за лична хигиена и здравје за 1.2%.


Според методологијата на Државниот завод за статистика, цени на мало се цените по кои трговијата на мало, индивидуалните производители и вршителите на услугите им ги продаваат производите и услугите на крајните потрошувачи. Во цените е вклучен и ДДВ. Индексот на трошоците на животот се пресметува врз база на посебно групирана листа на производи и услуги од личната потрошувачка на домаќинствата и просечните месечни цени на мало на тие производи и услуги, односно нивните индивидуални индекси на цени, пондерирани со структурата од личната потрошувачка. 

Comments