16 години од инвазијата на Авганистан. Најдолгата војна на САД

„Напуштете ја нашата земја“ - извикуваа демонстрантите на улиците на авганистанскиот главен град Кабул во петокот, за да побараат крај на „американската окупација", бидејќи земјата бележи 16 години од почетокот на инвазијата на САД и НАТО.


Стотици демонстранти излегоа на улиците на Кабул, извикувајќи антиамерикански и анти-НАТО слогани. Демонстрантите носеа транспаренти на англиски и на локални јазици: „Јенки одете си дома".

Демонстрациите, во кои учествуваа и машки и женски демонстранти, беа организирани од страна на Партијата за солидарност на Авганистан.


„Ние повеќе не можеме да поднесуваме окупација", изјави член на Партијата за солидарност, додавајќи дека „секој ден сме сведоци на нивното (САД и НАТО) бомбардирање на нашите градови и илјадници невини жртви". „Нашите луѓе се собираат овде и ние сакаме правда. Сакаме окупаторите од САД и НАТО да го напуштат Авганистан што е можно поскоро и да му овозможат на авганистанскиот народ да одлучи што сака ", рече тој. „Ниту една окупирана земја не постигнала слобода и демократија. Само моќта на луѓето можат да донесат демократија, мир и слобода за нашата земја ".

Левичарската партија за солидарност на Авганистан се бори за правата на жените, секуларизмот и протерувањето на САД и НАТО од земјата.

Неславна годишнина
На 7 октомври 2001 година, САД извршија инвазија на Авганистан во рамките на т.н.„Војна против тероризмот“. Претходно авганистанскиот талибански режим беше обвинет од страна на САД дека му дава заштита на лидерот на Ал Каеда, Осама Бин Ладен, кој во САД беше обвинет за организација на терористичките напади на 11 септември, во кои загинаа 2.996 лица, а беа повредени над 6.000 лица.



Борба против тероризмот
На 11 септември исламски екстремисти, припадници на терористичката организација Ал Каеда киднапираа неколку патнички авиони, а потоа со нив ги срушија двете „Кули близначки“ во Њујорк и дел од зградата на Пентагон во Вашингтон. За овој терористички напад беше обвинета Ал Каеда, под водство на Осама Бин Ладен, која имаше своја база и заштита од страна на талибанскиот режим во Авганистан. Откако талибанците одбија да ги испорачаат осомничените терористи, инвазијата беше неизбежна. Во инвазијата на Авганистан, САД беа првично поддржани од Канада и Обединетото Кралство, а подоцна и од коалиција од повеќе од 40 земји, вклучувајќи ги и сите членки на НАТО. Во Авганистан САД беа поддржани од страна на Северниот сојуз, кој се бореше против талибанците во текот на граѓанска војна што траеше од 1996 година.  Основната цел на војната беше да се уништи Ал-Каеда и да се соборат Талибанците од власт. Војната во Авганистан е најдолгата војна во историјата на САД.


После неколку недели од инвазијата режимот на талибанците беше лесно уништен и беше воспоставена привремена власт. Во декември 2001 година, Советот за безбедност на Обединетите нации ги формираше Меѓународните безбедносни сили за помош на Авганистан (ИСАФ), за да им помогне на авганистанските привремени власти со обезбедување на Кабул. На конференцијата во Бон во истиот месец, Хамид Карзаи беше избран за шеф на привремената администрација на Авганистан, која во 2002 година стана авганистанска преодна администрација. На изборите во 2004 година, Карзаи беше избран за претседател на земјата, сега именувана како Исламска Република Авганистан.

НАТО се вклучија во силите на ИСАФ во август 2003 година, а подоцна истата година го презеде и водство. Во оваа фаза, во ИСАФ беа вклучени 43 земји, при што поголем дел од силите беше обезбеден од страна на членките на НАТО. Еден дел од американските сили во Авганистан работеше под команда на НАТО, а остатокот остана под директна команда на САД.

После инвазијата
Меѓутоа после иницијалниот поразот при инвазијата, талибанците се реорганизираа и во 2003 година започнаа востание против владата и ИСАФ.


Талибанските започнаа асиметрична војна со герилски напади, заседи, самоубиствени напади врз урбани цели и против коалициските сили. Талибанците ги експлоатираа слабостите кај авганистанската влада, која е меѓу најкорумпираните во светот, да го зацврсти своето влијание во руралните области на јужниот и источниот дел на Авганистан. Иако во почетните години имаше малку борби, од 2006 талибанците направија значителен напредок, но и покажаа зголемена подготвеност да вршат злосторства против цивилите. Во 2006 година САД и ИСАФ одговорија со зголемување на бројот на трупите за против-герилски операции со цел „чистење и задржување" на областите, но и со политички проекти за придобивање на населението.  Насилството остро ескалираше од 2007 до 2009 година. Додека ИСАФ продолжи да се бори против бунтовниците во Авганистан, борбите преминаа и во северозапдниот дел на соседен Пакистан. Од 2009 до 2011 година бројот на војниците под команда на ИСАФ и на САД во Авганистан се зголеми на околу 140.000 војници. Од овие 100.000 биле од САД. Конечно, на 1 мај 2011 година, силите на САД го убија Осама бин Ладен во своето засолниште воПакистан.

Една година подоцна, во мај 2012 година, лидерите на НАТО ја одобрија стратегијата за повлекување на своите сили. Исто така започнаа и мировни преговори меѓу авганистанската влада и талибанците, поддржани од ОН.

Во мај 2014 година, САД објавија дека нејзините главни борбени операции ќе завршат во декември 2014 година и дека ќе остават преостанати сили во земјата, а во октомври 2014 година, британските сили ги предадоа последните бази на авганистанската војска, со што официјално ги завршија своите борбени операции во војната. На 28 декември 2014 година, НАТО официјално ги заврши борбените операции ИСАФ во Авганистан и официјално ја пренесе целосната безбедносна одговорност на авганистанската влада.

Од почетокот на 2015 година, армијата на САД во Авганистан започна да спроведува две мисии: антитерористички операции против силите на Ал Каеда и обука на официјалните авганистански воени сили.

Има ли крај?
Сепак, безбедносната ситуација продолжи да се влошува. Во услови на засилување на нападите од страна на талибанците во 2016 година, претседателот Обама повторно го успорува темпото на повлекување, изјавувајќи дека 8.400 американски војници ќе останат во Авганистан во 2017 година.

На 21 август 2017 година, претседателот Трамп изјави дека САД ќе продолжат да се борат во Авганистан бидејќи повлекувањето може да создаде вакуум што групите како што се Ал-Каеда и Исламската држава Ирак и Левант (исто така познат како ИСИС) би можеле веднаш да ги пополнат.


Со тоа Трамп овозможи распоредување на дополнителни илјадници американски војници во Авганистан. Високи претставници на Белата куќа изјавуваат дека Трамп веќе го овластил државниот секретар за одбрана на САД, Матис да распореди дополнителни 3.900 војници во Авганистан.

Почнувајќи од мај 2017 година, повеќе од 13.000 странски војници остануваат во Авганистан без какви било формални планови за повлекување.

Последици
Војната во Авганистан е најдолгата војна која САД ја водела во својата историја. Оваа војна ја водат веќе тројца претседатели: Џорџ Буш (помладиот), Барак Обама и сега Доналд Трамп. И покрај изјавите за брзо завршување на војната и повлекување на војниците од Авганистан, ниту еден претседател не го направи тоа. Војната и понатаму трае. Силите на САД и сојузниците се неопходни за совладување на исламистичките бунтовници, затоа што официјалните авганистански сили не се доволно ефикасни да се спротивстават.

Оваа војна зеде и огромен број на жртви, особено меѓу цивилното население. Се проценува дека повеќе од 4.000 војници на ИСАФ и над 15.000 војници на авганистански национални безбедносни сили беа убиени, како и над 31.000 цивили.

Comments