Светската
Банка во најновиот Извештај насловен како „Миграција и мобилност“, ја
разгледува ситуацијата и дава прогнози за идниот раст на БДП за земјите од
Европа и Централна Азија. Во делот што се однесува за Република Македонија, СБ
вели дека растот на БДП за 2017 година ќе изнесува 1,5%, додека во 2018 и 2019
година ќе се зголеми на 3,2%, односно 3,9% соодветно.
Според
овој Извештај, растот на БДП во 2016 година се намалил на 2,4%, а во првата
половина од 2017 година премина во негативен поради политичката несигурност,
која од своја страна влијаеше на инвестициите. Но, СБ очекува растот на БДП
постепено да закрепне до крајот на годината, оставрувајќи пораст од 1,5% на
годишно ниво. Ова закрепнување треба да биде поддржано од растот на потрошувачката,
како и од зголемување на довербата на инвеститорите во новата влада, која ја
презеде функцијата во јуни 2017 година. Невработеноста во 2016 и почетокот на
2017 се намали на историски најниско ниво од 22,8%, како резултат на јавните
инвестиции, фискалните стимулации и програмите за вработување насочени кон
креирање на работни места. Но, и покрај таквите владини мерки, сепак
невработеноста кај младите, како и долгорочната невработеност е на релативно
високо ниво од 46%, односно 81% соодветно. Исто така, се очекува и сиромаштија да
продолжи да опаѓа, поттикната од создавањето нови работни места.
Покрај
раст од 1,5% во 2017 година, СБ предвидува позитивен раст на БДП и во 2018
година и 2019 година, за 3,2% и 3,9%, соодветно. Главните двигатели на растот се
очекува да бидат потрошувачка, поттикната од отворањето на нови работни места и
инвестициите, како и јавните инвестиции (како што се двата автопати чија што изградбата
треба да заврши до 2019 година) и приватните инвестиции (што се очекува да се интензивираат
во наредниот период како резултат на враќање на довербата во политичката и
економската сигурност). Фискалниот дефицит се очекува да достигне 3% од БДП во 2017
година, но потоа постепено се намалува на 2,2% до 2019 година. Јавниот долг се
очекува да се зголеми до 55% до 2019 година. Се очекува трендот на намалување
на сиромаштијата да продолжи и понатаму во следните години. Јавните инвестиции
во инфраструктурата треба да го поттикнува создавањето нови работни места. Неповолните
временски прилики во летото 2017 година доведоа до мало зголемување на
сиромаштијата меѓу домаќинствата, воглавно зависни од земјоделските приходи.
Како
што постепено се решава политичката ситуација и се враќа довербата, главен
извор на негативен ризик врз растот на БДП е фискалната ситуација, која што
може да ја загрози стабилноста и да ги поткопа изгледите за раст во еден среднорочен
период. Главните фискални ризици се однесуваат на високиот фискален дефицит,
растечки јавен долг, влошувањето со управувањето со јавните финансии, акумулација
на заостанати долгови и дефицитот на пензискиот систем. Со оглед на важна улога
што ја имаа во последниве години, намалувањето или пренасочувањето на буџетските
трошоци може да влијае врз создавање на нови работни места и намалување на
сиромаштијата. Од друга страна, ризикот за побрз пораст на БДП од очекуваниот е
поголем економски раст во ЕУ и зголемувањето на надворешната побарувачката за
македонски производи.


Comments
Post a Comment