Курдите изгласаа НЕЗАВИСНОСТ

Иако официјалните резултатите треба да бидат познати по 72 часа од гласањето, Курдите масовно излегоа на улиците во градовите во северен Ирак за да го прослават референдумот за независност. Според првичните податоци, излезноста на референдумот била 72 процента, од кои 90 насто гласале за независност на курдскиот регион во Ирак.


Околу 5,2 милиони гласачи на курдската област имаа шанса на историски референдум да се изјаснат за независен Курдистан. Референдумот беше одржан на територијата што ја контролира регионалната курдска управа, но и на поширока територија за која што Курдите сметаат дека треба да им припадне нив, за што постои спор меѓу Багдад и Ербил (главниот гран на регионалната курдската управа). Резултатите се очекувани. Сепак, Месуд Барзани, лидерот на регионалната курдска управа изјави дека референдумот нема да донесе автоматско прогласување на независноста, туку тоа ќе значи зајакнување на позицијата на Курдите при понатамошните преговори со централната влада во Багдад.

Но, референдумот беше остро осуден од страна на владата во Багдад, но и соседите Турција и Иран, кои и самите имаат големо курдско малцинство.


За Курдите, на чело со  Курдистанскиот претседател Масуд Барзани, референдумот е логичен резултат на долгогодишната борба на Курдите за сопствена држава, која кулминира во последниот период. Курдите со децении беа прогонувани од страна на Багдад. Тие сега гледаат мала разлика меѓу нападот со хемиско оружје врз нив од страна на Садам Хусеин во 1988 година, кога загинаа 5.000 цивили и поновиот терористички феномен ИСИС, кој во Ирак беше составен од многу приврзаници на Садам Хусеин. Во владата во Багдад, предводена од шиитите, имаат уште помала доверба, и покрај тоа што на Курдите им се дадени голем број отстапки за да станат "полуавтономни".

Зошто сега референдум
Иако претседателот Барзани веќе неколку години повикува на независност од Багдад, лесно е да се види зошто сега се одлучи да се спроведи референдумот. Повеќегодишната воена кампања за елиминирање на ИСИС од регионот е повеќе или помалку завршена, а самиот Ирак е во состојба на релативен мир. Така што, после повеќегодишен континуиран судир, тој може да верува дека регионалните сили се уморни од конфликт. Исто така, факт е дека армијата на Курдистан (Пешмерга борците) се бореше посилно и поефективно од ирачките владини сили против ИСИС, па затоа и треба да добие дел од воениот пленот - градовите што ги ослободи од ИСИС во Курдистан, не и ги врати на владата во Багдад.


Реакции на референдумот
Централната влада во Багдад, но и соседните земји негативно реагираа на самата најава за референдум, како и при спроведувањето на референдумот.

Ирачкиот премиер, Хајдер ал Абади го нарече референдумот „неуставен“ и се закани со испраќање војска, додека Врховниот суд на Ирак наложи да се стопира одржувањето на референдумот.

Турција и Иран се изјаснија против референдумот и ја обвинија курдската влада дека со референдумот го загрозува мирот и стабилноста во Ирак и во целиот регион. Анкара и Техеран се особено чувствителни на курдското прашање и тие стравуваат од јакнење на напорите за курдска автономија или независност во двете земји. За Турција изјаснувањето е „илегално и неважечко“ и се закани со санкции. Владата во Анкара изјави дека ќе посегне по сите дозволени мерки, во согласност со меѓународното право. Непосредно по почетокот на референдумот затворен е граничниот премин од Турција кон северен Ирак. Претседателот на Турција Ердоган се закани дека ќе го стопира транспортот на нафта од северен Ирак преку нафтоводот што минува низ Турција.

Истовремено, турската и ирачката армија започнаа заеднички воени вежби, во близина на границите со автономниот курдски регион на Ирак.

САД и Велика Британија, исто така го повикаа раководството на Курдистан во Ербил да се откаже од неуставниот референдум.

Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации изјави дека е загрижен поради потенцијално дестабилизирачките ефекти на неуставниот референдум кој го одржа регионалната курдска управа на северот на Ирак во спротивност со ставовите на меѓународната заедница. Гутереш изјави дека го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на Ирак и препорачува овие отворени прашања да се решаваат со дијалог и конструктивен компромис.

Според Барзани нелогично да се продолжи по старо
Претседателот Барзани смета дека сегашните граници што беа изготвени од страна на Британците и Французите - договорот на Сајкс-Пико од 1916 година (кој ги повлече граничните линии на целиот Блиски Исток), изгледаат повеќе од кога било застарен и ирелевантен. Барзани верува дека сега е време за целосно нов договор со Багдад, кој од 2014 година безусловно се согласил Курдистан да биде полуавтономна држава, која, меѓу друго, ќе има  контрола на сопствениот извоз на нафта. Не е логично да се продолжи или инсистира на повторување на погрешен експеримент кој се повторува 100 години и не води никаде.


Несомнено е дека референдумот на Курдите за независност ќе биде дополнителен импулс во и онака нестабилниот регион. Курдите се доминантно население во југоисточна Турција, на северот на Сирија, на северот на Ирак и северозападот на Иран. Овие четири области го сочинуваат регионот Курдистан каде што живеат околу 30 милиони Курди. Тие се најголемата етничка група која остана без држава по распадот на Отоманската империја пред еден век. Само ирачкиот дел на Курдистан, кој инаку е подрачје богато со нафта, има автономија од 1991 година.


Comments