Горчлива победа на Ангела Меркел

Ангела Меркел веројатно ќе биде германски канцелар по четврт пат откако нејзината конзервативна коалиција на Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и нејзината сестринска партија Христијанска социјална унија (ЦСУ) во неделата победи на сојузните избори. Но, по се изгледа победата не е онаква каква што посакуваше да биде.


Сега Ангела Меркел ќе се соочи со тешка битка за да состави владејачката коалиција со другите помали партии.

Нема голема победа
Алијансата на Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и нејзината сестринска партија Христијанска социјална унија (ЦСУ) доби 33% од гласовите, со што стана најголема парламентарна група, но забележа пад од 8,6% во споредба со последните избори во 2013 година. Другата главна партија на Германија, Социјалдемократската партија (СПД), исто така, помина лошо со 20,5% од гласовите (за 5,2% помалку од 2013 година).


Овој резултат  е „горчлива победа" за Меркел и е најлош резултат за ЦДУ од 1949 и најлош резултат од Втората светска војна за СПД. Иако партијата на Меркел ЦДУ / ЦСУ освои најголем процент од гласовите, таа не освои доволно за да може сама да владее, што значи дека ќе мора да најде коалициски партнери од помалите партии, со цел да формира повеќепартиска влада, нешто што не се случило во Германија со децении.

Што се случи
Многу гласачи,пред се од помалку богатите делови на земјата, особено во поранешната Источна Германија се свртеа кон националистичката, антиевропска партија Алтернатива за Германија (АФД), која доби 12,6% од гласовите (за 7,9% повеќе од последните избори). АФД сега е трета по големина партија во Германија и за првпат ќе влезе во националниот парламент.

Историскиот успех на десничарската партија АФД на парламентарните избори ги шокираше многуте Германци, но експертите велат дека АФД е феномен што канцеларката Ангела Меркел сама си го создала. Таа самата е виновна за нивното постоење.

Според политичките аналитичарите, канцеларката во претходниот период ја „помести“ партијата (ЦДУ) од  десноориентирана во партијата лево-центар, со што се создаде "голем празнина на десницата". Просторот на десницата сега е исполнет со нова партија. Аналитичарите наведуваат дека Меркел ја променила својата реторика низ годините, особено ставовите во врска со мигрантските прашања - пред околу 12 години Меркел зборувала дека мултикултурализмот не функционира, а сега ги отвора границите.

Десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) влезе во парламентот за прв пат во својата историја со 12,6 отсто од гласовите на германските избори, според официјалните прелиминарни резултати. Обезбеденото присуство во парламентот на партијата, која во неколку наврати е означена како "расистичка", "исламофобична", па дури и "нацистичка" од страна на германските муслимани и левичарски политичари, предизвика протести, лутина и жалење на многу граѓани.

Меркел доби „шлаканица во лицето" за миграционата политика
Присуството на АФД во германскиот парламент означуваат "огромен психолошки пробив" за земјата и може да ја натераат владата да ја преиспита својата имиграциона политика.


Ваквиот историски резултат на АФД за Меркел претставува „огромна шлаканица во нејзиното лице" поради нејзината одлука да пушти во Германија милион луѓе без да побара мислење или согласност од сопствените граѓани и пратеници.

Резултатите од парламентарните избори сигурно е дека ќе имаат големи последици врз внатрешната политика во Германија. Но, тие ќе имаа и соодветно влијание и врз ЕУ-врз ЕУ политиките, особено во однос на политиката на кон мигрантите. Исто така, победата на АФД може да има позитивно влијание и врз останатите екстремно-десни партии во земјите на ЕУ.

После Брегзитот на Велика Британија, и победата на Доналд Трамп во САД, успехот на АФД во Германија е уште една, можеби мала, но не безначајна победа на една анти-глобалистичка и анти-естаблишмент партија. Тоа секако нема да остане без одек и во земји во и надвор од ЕУ.




Comments