ММФ препорачува зголемување на ДДВ-то на горивото за моторни возила и поголемо оданочување на имотот, но и намалување на субвенции и зголемувањето на границата за пензионирање согласно просекот на ЕУ

Во заклучниот извештај на мисијата на ММФ во Република Македонија, објавен во понеделникот, 18.09.2017 година, се препорачува започнување на итна и неодложна фискална консолидација. 


Фискалната консолидација е потребно да оди во следните правци:

                        -зајакнување на ефикасноста во прибирањето на ДДВ-то,
                        -зголемување на стапката на ДДВ на горивото за моторни возила, како и
                        -зголемување на даноците на имот.

На страната на расходите, ММФ препораува намалување на буџетските издатоци во форма на субвенции, како и реформа на пензискиот систем. Реформата на пензискиот систем треба да опфати зголемување на старосната граница за пензионирање, согласно просекот на ЕУ, заострување на условите за предвремено пензионирање, усогласување на порастот на пензиите согласно со висината на порастот на цените, односно согласно со инфлацијата.

Доколку не се пристапи кон итна и неодложна фискална консолидација, при сегашна структуираност на буџетот, ММФ предвидува натамошен раст на буџетскиот дефицит и на надворешниот долг на Република Македонија до ниво од 53% во 2022 година (од сегашните 45%).


ММФ предвидува пораст на БДП за 2017 година од само 1,9%, пред се како последица на намаленото ниво на инвестиции во овој период. Во наредниот среднорочен период се предвидува постигнување на раст на БДП од 3,75%. Како ризици за ова сценарио се наведуваат политичките фактори кои се предизвикани од малото мнозинство врз кое се заснова постоечката коалициона влада и последиците од изборните резултати на престоечките локални избори. Како надворешни ризици се наведуваат слабата побарувачка кај традиционалните трговски партнери на Република Македонија и зголемувањето на глобалната политичка несигурност што може од своја страна да влијае врз намалување на извозот и инвестициите на глобално ниво.

Comments