План за економски развој - но, не сега, некогаш (а можеби и никогаш)

На 14 септемви, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев го промовираа т.н. План за економски развој. Станува збор за пакет на мерки кои имаат за цел „зголемување на конкурентноста во стопанството и подобар животен стандард на граѓаните“-како што беше соопштено на самата промоција.


Имено, овој план се состои од мерки групирани во три групи:
-Првата група се мерки за поддршка на целата економија и тоа се мерки што ги опфаќаат сите економски субјекти.
-Втората група се мерки за извозно ориентираните компании, за дополнителна стимулација на нивниот извоз.
-Третата група на мерки се насочени кон малите и средните претпријатија.

            Станува збор за мерки кои во основа се буџетски стимулации што треба да ги добијат економските субјекти, но под одредени услови.

            Но, карактеристично за целиот овој план е тоа што тој претставува драфт-верзија. Односно, според образложението на Анѓушев,  станува збор за драфт верзија на програмата за којашто во периодот што следи ќе биде отворена јавна дебата и расправа, за сите институции и заинтересирани економски субјекти во државата да учествуваат со препораки, критики и идеи во нејзиното финализирање.

            Со други зборови, Владата на Зоран Заев нема конкретни и итни мерки за запирање на падот на економската активност на Република Македонија.

Иако статистичките податоци зборуваат дека економијата на Република Македонија е пред рецесија, Владата допрва ќе отвора јавна дебата за мерките како да излеземе од тешката економска ситуација.

Ова во најмала мерка е несериозно однесување на носители на јавни функции чија што основна грижа претставува работа во интерес и во корист на сите граѓани на Република Македонија. Владата не смее да си дозволи да отвора дебати и расправи за тоа како, на пример да го гасниме пожарот, откако тој интензивно гори во нашиот двор. Мерките за економски раст требаше одамна да се дефинирани, а во овој период требаше да следи нивна имплементација.

Целокупната ситуација е дополнително комплицирана со фактот дека Република Македонија се соочува со пад на индустриското производство, намалување на извозот, пад на БДП и стагнација кај вработеноста, ситуација која сама по себе бара итни мерки, а не расправа за тоа што треба да се прави.

Расправата може да се одолговечи до недоглед, а со тоа и овие мерки никогаш да не бидат имплементирани. Ситуацијата во Република Македонија го бара токму спротивното-акција што треба да биде превземена веднаш и без одлагање. Затоа што секој изгубен ден ќе значи еден вработен помалку и еден иселен граѓанин повеќе.

Comments