Негативните тенденции продолжуваат: Пад на БДП за -1,8% во вториот квартал од 2017 година. Дали Република Македонија е на прагот на економска рецесија
После
континуиран раст на БДП во последните 5 години, за прв пат во вториот квартал
од 2017 година е регистриран пад на БДП во висина од -1,8%. Имајќи предвид дека
и во претходниот квартал не е регистриран раст на БДП, се поставува прашањето:
Дали Република Македонија, после два квартали нереализирање реален раст на БДП
е на прагот на економска рецесија?
Врз
основа на најновото соопштение на Државниот завод за статистика, економската
активност на Република Македонија бележи негативна стапка, односно утврден е
пад на бруто домашниот производ од -1,8%.
Падот
на БДП во вториот квартал од тековнат 2017 година е резултат на намалување на
економската активност кај реалниот сектор на македонската економија, односно во
секторите рударство и преработувачка индустрија од -1,4% и градежништво од дури
-17,3%. Намалување има и во другите сектори како дејности во врска со недвижен
имот, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни
дејности, јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување, образование,
дејности на здравствена и социјална заштита и уметност, забава и
рекреација и други услужни дејности.
Од
аспект на расходниот метод на искажување на БДП, намалувањето на БДП се должи
најмногу од падот на бруто инвестициите во висина од -19,9%.
Последен
пат беше регистриран пад на БДП во второто тримесечие во 2012 година. Во периодот
од 2012 до 2016 година Република Македонија бележеше континуиран раст на БДП во
19 тримесечија по ред.
Падот
на БДП беше сигнализиран и од фактот што во првото тримесечие на 2017 година беше регистриран раст на БДП од 0,00%, односно
не беше регистриран никаков раст на БДП.
Земајќи
ги предвид стапките на раст на македонската економија во првите два квартали од
2017 година (0,00% и -1,8%), јасно се забележуваат тенденции на постепено
намалување на економската активност во Република Македонија.
Овие
податоци, заедно со претходните негативни трендови кај индустриското
производство неспорно укажуваат дека македонската економија е на прагот на
рецесија после 5 години континуиран економски раст.
Со
цел да се избегни непосакувана ситуација на рецесија, Владата е потребно да
превземи итни и неодложни мерки за стимулирање на економската активност на
реалниот сектор, во рударството, индустријата и градежништвото, особено во
насока на поттикнување на инвестициите, како на домашните, но и на странските
инвеститори. Исто така, во насока на поттикнување на економската активност,
Владата е потребно да ги зголеми буџетските капитални расходи, преку
започнување на нови капитални проекти, но и продолжување на реализацијата на
веќе започнатите капитални проекти. Замрзнувањето или намалувањето на
диманиката на реализација на постоечките капитални проекти има голем придонес
во сегашната ситуација на пад на БДП.
Во
спротивно негативниот тренд може да продолжи, се разбира поттикнувајќи дополнителни
негативни последици во сферата на вработеноста, односно да се намалува вработеноста на сметка
на зголемување на невработеноста, сиромаштијата и социјалната несигурност.

Comments
Post a Comment