Уставниот суд ја отфрли иницијативата на СМК и Министерството за локална самоуправа за продолжувањсе на мандатот на градоначалниците
Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка по
двете иницијативи од страна на Светскиот Македонски Конгрес и Министерството за
локална самоуправа, со кои се оспорува членот 35 од Законот за локална
самоуправа, како и членот 16 став 1 од Изборниот законик, а кои се однесуваат
на рокот на одржување на изборите, а тоа е првата половина на мај.
Според наводите на судијата-известител Елена Гошева,
Уставниот суд не може да креира нова правна состојба, кога тоа не го направил
законодавецот.
„Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа
што го нема. Неприфатливо е во законот да не е утврден механизам како да се
постапи во случај да не можат да се распишат избори со што би дошло до
закочување на работата на локалната самоуправа. Ние утврдивме дека
законодавецот има уставно овластување да го уредува ова прашање. Само тој има
уставно овластување и тоа е негово право“, изјави таа.
На оваа одлука на Уставниот суд реагираше Светскиот
Македонски Конгрес. СМК „изразува жалење за денешната одлука на Уставниот суд
со којашто се отфрли иницијативата за деблокада на локалната самоуправа и со
тоа ја потврди суспензијата на правото на локална самоуправа на граѓаните и на
свои претставници во локалната самоуправа за одлучување по прашања од
локално значење загарантирано во членовите 114, 115 и 117 од Уставот.“
Во реакцијата на СМК се наведува: „СМК го оценува за
несериозно соопштението на Уставниот суд дека "не може да креира нова
правна ситуација, кога тоа не го направил законодавецот, и покрај тоа што е
неспорно дека постои правна празнина бидејќи не се предвидени механизми што да
се прави кога локалните избори не можат да се одржат во законските
рокови."
СМК смета дека одлуката на уставните судии е од политички
побуди, да се даде легитимитет на претседател на Собрание, на оној кој ќе свика
седница на Собранието што треба да се одржи најдоцна до 15 мај годинава, заради
изменување на рокот за одржување на локалните избори со нов датум во членот 16
став 1 од Изборниот законик, и изедначување на мандатите на советниците и
градоначалниците со бришење на членот 35 став 1 од Законот за локалната самоуправа.
И покрај се', СМК смета дека во отсуство на одлука на
Уставниот суд, сега Собранието мора да го избрише членот 35 став 1 од Законот
за локалната самоуправа кој се донесува со дво третинско и бадентерово
мнозинство и да го измени датумот за одржување на локалните избори во членот 16
став 1 од Изборниот законик кој се донесува со просто мнозинство но не помалку
од 40 пратеници.“
Мандатот на градоначалниците истекува на 15 мај.
Comments
Post a Comment