Емануел Макрон прогласен за 25 претседател на Француската Република


Со одлуката на Уставниот совет на Франција од 10 мај 2017 година, а согласно резултатите од одржаните избори за претседател, Емануел Макрон е формално прогласен за 25 претседател на Француската Република, односно 8 претседател на Петтата Француска Република.

Во вториот круг од претседателските избори, што се одржаа во неделата (07 мај), Емануел Макрон освои 20.743.128 гласови (66,1%), а неговиот ривал, лидерката на екстремно десничарската партија Национален фронт, Марин Ле Пен, освои 10.638.475 гласови (33,9%), покажуваат официјалните резултати.

Емануел Жан-Мишел Фредерик Макрон е роден на 21 декември 1977 година во Амијен, Франција. Студирал филозофија на универзитетот во Париз, а во 2004 година дипломирал на Националната школа за администрација. Работел како финансиски инспектор во Инспекторатот за финансии на Франција, а подоцна станал инвестициски банкар.

Член на Социјалистичката партија е во периодот од 2006 до 2009 година. За време на првата влада на Франсоа Оланд, во 2012 година, бил назначен за заменик секретар, а потоа во периодот од 26 август 2014 до 30 август 2016 година е Министер за економија, индустрија и дигитални работи во втората влада на Мануел Валс. Како министер тој спроведува реформи во прилог на бизнисот.

Во април 2016 година Макрон го формира движењето „Напред!“ (En Marche!), а на 30 август 2016 година  си поднесува оставка од министерската позиција, за потоа да поднесе социјал-либерална кандидатура на претседателските избори во 2017 година. 

Француски претседател во заминување Франсоа Оланд ќе му ја предаде претседателската функција на Макрон в недела, на 14 мај.

Со своите 39 години, тој е најмладиот претседател во француската историја и најмлад француски водач на држава после Наполеон.

Претседатели на Француската Петта Република (1959-денес)
1.Шарл Де Гол, 1959-1969
2.Жорж Помпиду, 1969-1974
3.Валери Жискар Д'Естен, 1974-1981
4.Франсоа Митеран, 1981-1995
5.Жак Ширак, 1995-2007
6.Никола Саркози, 2007-2012
7.Франсоа Оланд, 2012-2017
8.Емануел Макрон, (2017-актуелен)

Comments