Економијата на Република Македонија во 2016 година

Според Годишниот извештај за 2016 на Советот на Народната банка на Република Македонија, е констатирано дека во 2016 година Народната банка успешно ги оствари законски дефинираните цели. 
-Девизниот курс остана стабилен, со истовремено задржување на сите показатели за соодветност на девизните резерви во т.н. комфорна зона.
-Во однос на ценовната стабилност, во просек беше остварена ниска и благо негативна промена на домашните цени, во целост како последица на факторите на страната на понудата, односно пониските увозни цени на храната и на енергијата.
-Од друга страна, базичната инфлација се одржуваше на умерено ниво во позитивната зона, што соодветствува со постојаното закрепнување на домашната побарувачка и благо позитивниот производен јаз.

Според Годишниот извештај за 2016 на Советот на Народната банка на Република Македонија, усвоен на третата седница на Советот, на ден 27.04.2017 година, македонската економија и во 2016 година повторно оствари позитивен раст, при што стапката на реален раст изнесува 2,4% и е умерено пониска во споредба со 2015 година. Од економските сектори со највисок позитивен придонес беше секторот градежништво.

Во 2016 година дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања се задржа на умерено ниво, и достигна 3,1% од БДП не упатувајќи на поголеми нерамнотежи во надворешниот сектор. Главни фактори во подобрувањето се нето-извозот од новите индустриски капацитети, намалувањето на негативното енергетско салдо, зголемените нето-приливи кај повеќе категории услуги, како и отсуството на поголеми притисоци од домашната побарувачка врз увозот.

Финансиската сметка на билансот на плаќања забележа позначителни нето-приливи од 6,5% од БДП. Најзначаен извор на нето-приливи во финансиската сметка претставуваа директните инвестиции, коишто пораснаа за 1,4 п.п. од БДП во однос на претходната година и достигнаа 3,6% од БДП. Дополнителен придонес имаше задолжувањето на државата на меѓународните финансиски пазари, преку издавање на петтата еврообврзница. Овие финансиски текови беа доволни за покривање на дефицитот во тековната сметка и за зголемувањето на девизните резерви.

Меѓународната инвестициска позиција на крајот на 2016 година е негативна, односно преовладуваат обврските, а изнесува 5.731,6 милиони евра, или 58,1% од БДП. Во споредба со состојбата на крајот од претходната година, нето-обврските кон остатокот од светот забележаа зголемување од 2 п.п. од БДП. Во однос на структурата на меѓународните обврски, и во 2016 година преовладуваат странските директни инвестиции, како постабилен и долгорочен извор на финансирање. На крајот на 2016 година, бруто надворешниот долг изнесува 7.253,2 милиона евра, или 73,5% од БДП, што претставува раст од 4,1 п.п. од БДП, во споредба со крајот на 2015 година. Општо земено, показателите за надворешната задолженост на домашната економија покажуваат дека бруто надворешниот долг се наоѓа во безбедната зона. На крајот од 2016 година, нето надворешниот долг, како дополнителен показател за надворешната позиција на економијата, изнесуваше 2.669,8 милиони евра, или 27,1% од БДП, што во однос на 2015 година претставува раст за 2,2 п.п. од БДП.

Comments